October 30, 2016

Желба да ја видат Македонија преродена


ВИКТОР БЕРАР, јуни 1903 год., статија во весникот „Париска ревија“, (La Revue de Paris):

„Додека солунските динамитчии (гемиџиите) со гордост му покажуваат на светот како Македонецот знае да умира, ние одново го чувме целиот угледен печат, сите најголеми министри и политички луѓе како во еден глас викаат дека со своето безумие и жестоко однесување овие разбојници засекогаш ја дискредитираат својата македонска кауза.

Настаните се истражени и пресудата е изречена: Македонците се престапници, јакобинци и убијци! Тие носат „револуционерен жиг“ или, како што тоа денес го велиме, тие се анархисти...

...До скоро Франција не ги познаваше Македонците. Тие за нас беа Трачани, Пеони, Склавини, див и речиси митски народ, кој живее некаде на дното од нам непозната земја.

Ние не ги познававме или ги презиравме, зашто за нив дознавме од пакосните белешки на старите и сегашните Грци.

И, да ја кажеме вистината, ние и сега не ги познаваме Македонците. Погледнете го нашиот секојдневен печат и гледајте какви чудовишни откритија за нив и за нивната земја прават нашите журналисти...

...Амбицијата на една мала држава, егоизмот на една мала нација, не е крајниот идеал на Македонците.

Да се замени турското ропство со грчка, српска или бугарска зависност, за Македонците тоа не би била никаква добивка. Тие себеси се нарекуваат федералисти.

Од друга страна, тие чувствуваат дека Цариград уште долго време ќе биде во рацете на непријателот или дека тој град ќе го прекрати своето турско ропство единствено ако го потчини Русија. Наоѓајќи се среде мали држави, Македонците сакаат и нивната Македонија да послужи како сврзана нишка меѓу различните нации и јазици, а трговијата на градот Солун, мислат тие, ќе ги поврзе во една царинска унија сите интереси на целиот Полуостров...

Затоа не треба да се сомневате во искреноста на македонските комитети кога ни изјавуваат дека тие не мислат на присоединување, ни кон која било од малите балкански држави, туку дека имаат желба да ја видат Македонија преродена...“

* * * * * * * * * * * * * * * *

Виктор Берар (1864-1931) е француски политичар, универзитетски професор, научник и балканолог, истражувач на македонското минато. Toj бил професор во Еcole des Hautes еtudes и Еcole supеrieure de Marine, a потоа сенатор и конзул. Како член на француската школа во Атина (L’Ekole franquaise d’Athenes – 1887/90) се заинтересирал за балканските народи кои се наоѓаат под власта на султанот Абдул Хамид II. Објавил повеќе книги со коментари за Источната криза (1875-1881) и за историјата на балканските народи.

Истакнатиот француски балканолог пројавил голем интерес за Македонија, македонското прашање и македонскиот народ. Повеќе трудови на Виктор Бернар се посветени на Македонија, меѓу кои собено значајни се неговите книги „Македонија“ (1897) и „За Македонија“ (1904).

Посебен интерес тој пројавил кон динамитните атентати во Солун („Солунски атентатори“) и за нив напишал прилог во ,,La Revue de Paris“ (јуни 1903).

* * * * * * * * * * * * * * * * *


Виктор Берар, фотографија од 1920 год. пред францускиот Сенат.

No comments: